Врвни спортски резултати

Хипербарични кислородни третмани, поинаква форма на тренинг кај спортистит
Хипербаричен кислороден третман (ХБОТ) позната по својата спасувачка улога во третманот на декомпресивната болест кај нуркачите, станува популарна метода за физичко кондиционирање на спортисти и третман на спортски повреди. Овој тип на третман претставува единствен нехормонски третман одобрен од Американската Федерација за храна и лекови (FDA) со кој се постигнува репарација и регенерација на ткивата. Третманот се состои во вдишување на 100% кислород преку кислородна маска, во услови на зголемен притисок, кои се обезбедуваат во специјално дизајнирани медицински уреди – хипербарични комори. Во овие изменети услови, познати како суво нуркање, се зголемува слободната фракција на кислород во крвната плазма за повеќе од 20 пати. Физички објаснето механизмот изгледа едноставно и се базира на зголемената растворливост на гасовите во услови на зголемен притисок и заобиколување на конвенционалниот транспорт на кислород преку хемоглобинот. Но одговорот на организмот на хипербаричен кислороден третман како неинвазивен тераписки модалитет е преку голем број на сложени физиолошки процеси. Третманот се одвива во три фази, според претходно изработени индивидуални протоколи кои зависат од состојба на клиентот. Релаксирачки и неинвазивни, се спроведуваат под постојан аудио и видео надзор од страна на кадар едуциран за управување со хипербарична комора. Во првата фаза кога се зголемува притисокот во комората имате чувство како да се качувате на планина, поради што е потребно да се применуваат техники на изедначување на притисокот (зевање, голтање и Валсалва маневарот). Остантиот дел од третманот се одвива во седечка или легната положба во зависност од типот на комората, едноставно без несакани ефекти, што можеби е наједноставната форма на тренинг кај спортисти. Земајќи го предвид значењето на спортот во секојдневното живеење и статистичките податоци за бројот на спортски повреди кои настануваат, се јавува потребата и овде кај нас да се започне со примена на поинаков тип на тренинг или хипербарична оксигенација, која веќе е дел од програмите на професиналните спортисти во повеќето развиени земји. Целта е да се зголемат физичките перформанси на организмот како и да се намали бројот на спортски повреди кои настануваат. Третманите се изведуваат пред интензивни физички тренинзи и натпревари, континуирано со што се постигнува следниве ефекти :
· зголемување на максималниот аеробен капацитет
· значајно намалување на нивото на млечна киселина која е причина за појава на замор кај спортистите
· зголемена продукција и активност на енергетските ензими
· активација на регенеративни биосинтетски процеси
· зголемена продукција на антиоксидантни ензими
Голем број на студии ја потврдуваат значајната улога на хипербаричниот кислород во третманот на спортските повреди како примарен или дополнителен тераписки избор. Со примена на хипербаричната оксигенација се забрзува процесот на рехабилитација и се овозможува побрзо враќање на спортистот во активна фаза. Терапијата овозможува снабдување на повреденото ткиво со оптимални концентрации на кислород со што се спречува процесот на изумирање на мускулните клетки. Во акутната фаза на повредата се намалува болката и отокот и се потикнува репарација и регенерација на ткивата. Успехот на третманот се должи на стимулативниот ефект на хипербаричниот кислород на фибробластните и остеобластните клетки како и создавањето на нови крвни садови. Големиот регенераторен потенцијал на ХБОТ е резултат на стимулацијата на матични клетки. Еден хипербаричен третман (2часа) двојно ги зголемува циркулирачките матични клетки. Со 40-60 хипербарични кислородни третмани се постигнува до 8 пати (800%) зголемување на CD34+ матични клетки. Водени од светските искуства примената на хипербаричниот кислород во спортот овозможува постигнување на подобри резултати, полесно справување на спортистот со интензивни тренинзи, намалено време на опоравување по натпревари и спортски повреди. Едноставно кажано го енергетизира организмот и овозможува искористување на максималниот капацитет.